Украинската војска соопшти дека извршила успешен напад врз базата на елитната руска единица за беспилотни летала „Рубикон“ во окупираниот град Бердјанск, при што, според првичните информации, загинале повеќе од 30 руски војници, а до 70 биле ранети. Во нападот, како што тврдат украинските вооружени сили, биле погодени и припадници на командниот кадар на единицата, која има значајна улога во руските операции со беспилотни летала.
Јужните одбранбени сили на Украина објавија видеоснимка од операцијата, на која се гледаат повеќе удари врз објекти во базата, лоцирана во окупираниот дел на Запорошката област. Според украинските разузнавачки информации, уништени се центар за обука на оператори на дронови, простории за сместување на воениот персонал и складишта за беспилотни летала.
По нападот следувале повеќе секундарни експлозии, а очевидци пријавиле дека голем број повредени руски војници биле пренесени во локалната болница. Телата на загинатите, според украинските извори, биле транспортирани во окупираниот Мариупол, додека тврдењата за бројот на жртвите засега не се независно потврдени.
Во операцијата учествувале повеќе украински воени и разузнавачки единици, меѓу кои групата „Харпија“, Службата за надворешно разузнавање и специјалната единица „Алфа“ на украинската служба за безбедност.
Инаку, единицата „Рубикон“ е специјализирана за развој и употреба на напредни беспилотни системи, откривање украински оператори на дронови и напади врз воените логистички линии. Украинските сили претходно овој месец нападнаа и други објекти на „Рубикон“ во Бердјанск, кој се наоѓа на повеќе од 100 километри од линијата на фронтот. Засега нема независна потврда за размерите на уништувањето, ниту официјална руска потврда за пријавените загуби.
