Борбата против насилството треба да започне уште од најрана возраст, преку едукација на децата за меѓусебно почитување, толеранција и ненасилно решавање на конфликтите, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната панел-дискусија во Битола, насловена „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“.
Претседателката упати порака до младите да го отфрлат гневот, навредите и агресивното однесување, а спортот да го доживуваат како можност за дружење, натпреварување и почитување на противникот.
– Заборавете на гневот, заборавете на лошите зборови, напротив уживајте во играта, почитувајте го противникот. Насилството сите нè боли. Навредливо е. Незамисливо е, меѓутоа тоа е сложен феномен – истакна Сиљановска-Давкова.
Пред членовите на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, кое беше организатор и домаќин на настанот, претседателката нагласи дека образовниот систем има значајна улога во превенцијата на насилството и градењето општество засновано на меѓусебно почитување.
Таа предупреди дека оправдувањето на употребата на сила и величењето на агресивното однесување испраќаат погрешна порака до младите генерации.
– Ако легитимирате употреба на сила, а некои под наводници јунаци добијат важен општествен статус, и ако некој се восхитува од лошите зборови или од примената на сила, што е сосема погрешно, тогаш пораката е лоша. Затоа ние мораме уште во основно училиште, а можеби и во детските градинки да почнеме да ги учиме децата за ненасилство, да ги учиме за тоа дека зборот боли. Секогаш кога ќе се соочите со насилство и кога ќе го прашате оној што е жртва на насилство ќе ви каже дека на тоа му претходело насилство со зборови. Не смееме тоа да го толерираме и затоа треба уште во основно образование, и во гимназија треба да знаеме дека многу тешки работи можат да се кажат со зборови – нагласи претседателката.
Сиљановска-Давкова посочи дека особено внимание треба да се посвети на вербалното насилство, кое често му претходи на физичкото насилство, нагласувајќи ја потребата од навремена едукација и развивање култура на ненасилство кај децата и младите.
Интерактивната панел-дискусија се одржа во битолскиот Офицерски дом, во рамките на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер плеј“.
На настанот учествуваше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој се осврна на инвестициите на локалната самоуправа насочени кон развојот на спортот.
