Јавното обвинителство започна постапка за случајот со 42-годишната жена од Гостивар, која со тешки телесни повреди беше хоспитализирана на Клиниката за интензивно лекување во Скопје.
Од Обвинителството информираат дека осомничениот за нападот е пронајден и обезбеден, а надлежните институции веќе преземаат активности за прибирање докази и целосно расчистување на случајот.
„Сторителот е обезбеден и се постапува. Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство“, соопштија од Обвинителството.
Во постапката, покрај јавниот обвинител, се вклучени и полициски службеници, како и претставници на Центарот за социјални работи.
Од Обвинителството посочуваат дека правната квалификација на кривичното дело ќе биде утврдена по прибирањето на сите потребни докази и утврдувањето на околностите под кои се случил нападот.
Според информациите објавени во медиумите, 42-годишната жена била примена во Клиничкиот центар во Скопје со сериозни повреди на главата и градниот кош, како и со скршеници на ребрата.
Поради тежината на повредите, таа била задржана на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека 52-годишниот сопруг на повредената жена бил лишен од слобода во село во гостиварскиот регион, по што бил спроведен во Психијатриската болница во Бардовци.
Случајот предизвика и политички реакции, а пратениците на СДСМ и коалицијата побараа итно свикување собраниска седница на која ќе се разгледува постапувањето на институциите во спречувањето на семејното насилство и заштитата на жените жртви на насилство.
Надлежните институции продолжуваат со преземање истражни дејствија, по чие завршување се очекува да бидат познати повеќе детали за случајот.
