За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар, денеска, 28 ноември, започнува Божикниот пост, кој трае 40 дена и претставува духовна и телесна подготовка за прославувањето на еден од најголемите христијански празници – Рождеството Христово, Божик.
Божикниот пост секоја година започнува на 28 ноември и завршува на Бадник, 6 јануари, во пресрет на празникот на Христовото раѓање, кој се слави на 7 јануари.
Христијанскиот пост е воспоставен по примерот на Исус Христос, кој поминал 40 дена во пустината во пост и молитва. Неговата суштина е духовно прочистување, покајание и подготовка на верниците за достоинствено одбележување на претстојниот празник.
Божикниот пост е втор по должина, веднаш по Велигденскиот, но во однос на правилата за исхрана е поблаг, бидејќи во одредени денови е дозволена употреба на масло, вино и риба.
Според црковниот типик, во понеделник, вторник и четврток се пости со масло, додека во среда и петок се практикува строг пост. Во сабота, недела и на одредени празници е дозволено консумирање риба.
За монаштвото е благословен строг пост и во понеделник, додека за верниците кои во текот на постот одбележуваат именден или домашна слава е благословена употребата на риба. Сите славски трпези во периодот на Божикниот пост треба да бидат посни.
Сепак, суштината на постот не се состои само во воздржување од месо, млечни производи, јајца и друга мрсна храна, туку и во воздржување од лоши мисли, зборови и постапки.
Верниците се повикуваат на почеста молитва, учество во богослужбите, покајание, простување, помирување со ближните, милосрдие и помагање на сиромашните и на сите оние на кои им е потребна помош.
Божикниот пост има долга историја, која датира од првите векови на христијанството. За него се споменува во делата на светите отци од четвртиот и петтиот век.
Неговите почетоци се поврзуваат со постот пред празникот Богојавление, кој подоцна бил поделен на два посебни празника – Рождество Христово и Крштение Господово.
Во петтиот век, папата Лав Велики сведочел за постот пред Божик, иако во тој период неговото времетраење и строгост се разликувале меѓу христијанските заедници.
Божикниот пост е познат и како Филипов пост, бидејќи започнува по празникот посветен на светиот апостол Филип.
Првично постот траел седум дена, а одлуката верниците да постат 40 дена пред празникот на Христовото раѓање била донесена на црковниот собор во Цариград во 1166 година.
Православната црква предвидува четири повеќедневни пости – Велигденскиот, Петровденскиот, Богородичниот и Божикниот, како и еднодневни пости во среда и петок, на Водокрст, Отсекувањето на главата на свети Јован Крстител и Крстовден.
Основната цел на Божикниот пост е човекот да се ослободи од себичноста, гневот, зависта, омразата и лошите навики, да развие љубов, трпение и разбирање кон ближните и да го дочека Христовото раѓање со чисто срце, духовен мир и радост.
