Уставниот суд го оцени за неуставен Колективниот договор за културата во целина, како и членот 78 од Законот за култура. Одлуката е со одложено правно дејство и ќе се применува од 1 април 2027 година.
Одлуката предизвика незадоволство кај културните работници, кои протестираа пред Уставниот суд, изразувајќи загриженост за иднината на своите работнички права.
Со звуците на „Посмртниот марш на пролетерите“, културните работници симболично ја испратија правдата, порачувајќи дека укинувањето на нивните права претставува погреб на самата култура.
Од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) предупредуваат дека ваквата одлука може да создаде преседан и да ја доведе во прашање иднината и на други колективни договори во државата.
Според синдикалците, укинувањето на колективен договор поради тоа што со него е уредено правото на плата отвора можност во иднина да бидат укинувани и други колективни договори.
„Денес е прочуениот црн петок, имаме чувство дека тука во Уставниот суд, распродажбата започнала многу порано“, изјави потпретседателката на СКРМ, Тања Мицков.
Против укинувањето на Колективниот договор за културата се изјасни уставната судијка Добрила Кацарска, која пред своите колеги ги образложи причините поради кои, според неа, воопшто не требало да биде поведена постапка за оценување на неговата уставност.
Кацарска посочи дека во барањето за укинување на Колективниот договор не биле наведени аргументи што би го оправдале неговото укинување.
Одлуката на Уставниот суд нема непосредно правно дејство, односно нејзината примена е одложена до 1 април следната година.
Од СКРМ најавуваат дека ќе продолжат со протестите и со активностите за заштита на работничките права. Синдикатот ја разгледува и можноста за организирање штрајк во културата како следен чекор во борбата за зачувување на правата на вработените во овој сектор.
