Унгарија нема да го поддржи предлогот за новиот седумгодишен буџет на Европската Унија доколку тој предвидува зголемување на финансиските придонеси на земјата, порача унгарскиот премиер Петер Маѓар во Брисел.
Во видеопорака објавена на неговиот профил на „Фејсбук“, по повод самитот на европските лидери, Маѓар најави дека претстојат тешки преговори за усогласување на следната повеќегодишна финансиска рамка на Унијата.
Унгарскиот премиер нагласи дека Будимпешта ќе се залага за зачувување на финансиската поддршка за традиционалните европски политики, особено за кохезионата и заедничката земјоделска политика. Според него, средствата наменети за овие области треба да останат на приближно исто ниво како и во претходните години.
Едно од клучните прашања за кои Унгарија има резерви е финансирањето на Украина. Маѓар посочи дека неговата земја се противи на поврзувањето на финансиската помош за Киев со долгорочниот буџет на Европската Унија.
„Унгарија, заедно со неколку други земји членки, исто така јасно стави до знаење дека не може да прифати предлог што на кој било начин го поврзува прашањето за финансирање на Украина со следниот седумгодишен буџет на ЕУ“, истакна Маѓар.
Во пресрет на преговорите, унгарскиот премиер одржал консултации со претставници на групата „Пријатели на кохезијата“, која обединува 17 земји членки на Европската Унија.
Будимпешта, исто така, одржува контакти со земјите од Вишеградската група, со цел усогласување на позициите и заедничко застапување на интересите во претстојните буџетски преговори.
„Заедно, обединети, ги браниме и кохезионата политика и интересите на Централна Европа“, порача унгарскиот премиер.
Маѓар нагласи дека за неговата влада приоритет остануваат националните интереси на Унгарија, заштитата на економските интереси на граѓаните и обезбедувањето поволни услови за работење на унгарските компании.
На дневниот ред на самитот на Европскиот совет во Брисел се наоѓа следната седумгодишна финансиска рамка на Европската Унија, која ќе го опфати периодот од 2028 до 2034 година, како и прашањето за обезбедување финансиска поддршка за Украина во текот на 2027 година.
Преговорите се одвиваат во услови на несогласувања меѓу земјите членки околу вкупната висина на европскиот буџет, распределбата на финансиските средства, националните придонеси и начинот на обезбедување натамошна финансиска помош за Украина.
