Македонија во следните две години ќе треба да обезбеди околу пет милијарди евра за враќање и рефинансирање на старите долгови, исплата на каматите, покривање на буџетскиот дефицит и реализација на капиталните инвестиции, најави премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница посветена на пратеничките прашања.
Премиерот посочи дека претстои финансиски предизвикувачки период, во кој државата ќе мора да обезбедува средства преку задолжување на меѓународните финансиски пазари.
Според него, условите за обезбедување ликвидност значително се разликуваат од оние во периодот на пандемијата, кога финансиските средства биле подостапни на меѓународните пазари.
Дополнителен предизвик, како што нагласи Мицкоски, ќе биде обезбедувањето средства за реализација на тековните проекти и капиталните инвестиции, при што буџетскиот дефицит е планирано да се движи до 3,5 проценти од бруто-домашниот производ.
„Следните две години ќе бидат прилично предизвикувачки во смисла дека е потребно да се вратат, да се презапишат стари долгови и да се врати каматата, и тоа да се финансира буџетскиот дефицит и капиталните инвестиции, некаде околу 5 милијарди евра“, рече Мицкоски.
И покрај финансиските предизвици, премиерот изрази уверување дека Владата ќе успее да ги обезбеди потребните средства и да ги исполни преземените обврски кон граѓаните и вработените во јавниот сектор.
Меѓу приоритетите ги посочи обврските што произлегуваат од колективните договори во здравството, образованието, јавната администрација, судството и обвинителството, како и најавеното зголемување на пензиите и социјалните трансфери.
Од собраниската говорница, Мицкоски се осврна и на резултатите од ревизијата на корисниците на социјална помош, спроведена од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Според премиерот, при досегашните проверки биле откриени околу 4.000 корисници на гарантирана минимална помош кои не ги исполнувале законските услови за добивање на оваа финансиска поддршка.
За оваа категорија корисници, како што посочи Мицкоски, годишно биле издвојувани околу половина милијарда денари, односно приближно осум милиони евра.
Проверките продолжуваат во соработка со Министерството за внатрешни работи, преку вкрстување на податоците со кои располагаат институциите, со цел да се утврди дали корисниците на социјална помош ги исполнуваат законски предвидените критериуми.
Мицкоски нагласи дека ваквите неправилности не биле ограничени на одреден регион, туку биле регистрирани низ целата држава, од Дебар до Делчево и од Гевгелија до Куманово, оценувајќи дека станува збор за системски проблем.
