Правните лица кои имаат сметки во „Алта банка“ АД Битола од денеска можат без ограничување на износот да располагаат со новите приливи на своите сметки префрлени од сметки во други банки и кај други даватели на платежни услуги, информира Народната банка.
Од Народната банка потсетуваат дека и физичките лица веќе можат неограничено да располагаат со новите приливи на своите сметки во „Алта банка“ вклучително и платите, пензиите и социјалните трансфери, кога исплатите доаѓаат од институции или фирми што имаат сметки во други банки.
Народна банка известува дека клиентите немаат потреба да отвораат платежна сметка во друга банка, бидејќи со пристигнатите средства можат да располагаат во целосен износ преку електронско и мобилно банкарство, платежни картички или подигање готовина на отворените шалтери на Банката.
