СДСМ поднесе иницијатива за одржување итна собраниска седница посветена на заштитата на жените од насилство и утврдување одговорност за институционалните пропусти, соопшти пратеничката Јована Тренчевска.
Таа обвини дека жените во Македонија не страдаат само од насилниците, туку и од институционалниот молк, неказнивоста и недоволната заштита од надлежните органи.
Тренчевска посочи дека зад бројни случаи на насилство врз жени и убиства стојат претходни пријави, барања за помош и пропусти во постапувањето на институциите.
– Седумнаесетгодишната девојка Билјана од Богданци – убиена и покрај активната забрана за приближување. Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје – не ја дочекаа помошта, не добија заштита и покрај бројните пријави. Насилникот кој ја претепа до бессознание Сара во Охрид првично беше пуштен да се брани од слобода. Ова не се изолирани инциденти – ова е доказ дека системот не ги штити жртвите – рече Тренчевска.
Пратеничката упати критики и до Министерството за внатрешни работи, оценувајќи дека постапувањето во одредени случаи не резултира со утврдување одговорност кај лицата на високите раководни позиции.
Според неа, одговорноста се префрла врз полициските службеници, додека изостанува одговорноста на нивните претпоставени.
Со поднесената иницијатива, СДСМ бара итна собраниска расправа за состојбата со насилството врз жените, ефикасноста на институционалната заштита и одговорноста за пропустите во постапувањето.
