Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави нов пакет мерки насочени кон младите, со акцент на решавање на прашањето со домувањето и подобрување на животниот стандард на младите брачни двојки.
Обраќајќи се на 35-тата годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски соопшти дека една од клучните мерки ќе биде законско решение со кое градежните компании ќе имаат обврска дел од новоизградените станови да ги понудат по повластени услови за млади брачни двојки до 35 години.
Според најавата, ниту една градежна компанија нема да може да добие дозвола за изградба на станбени објекти доколку не обезбеди најмалку 10 проценти од станбената површина за млади брачни парови, и тоа по цена која ќе биде најмалку 20 проценти пониска од пазарната.
„Сакам да објавам три мерки, проекти за младите, кои ценам дека ќе ги решат најважните прашања кај младите – а тоа се егзистенцијата и домувањето. Нашата борба е со проекти и дела“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека мерката ќе биде регулирана со закон и дека целта е да се овозможи полесен пристап до сопствен дом за младите луѓе, наместо, како што рече, досегашните модели со ограничени субвенции.
„Не еден, два, туку минимум 20 проценти пониска цена. Ова е вистинска мерка“, изјави премиерот.
Мицкоски порача дека новите правила треба да донесат поинаков пристап во урбаното планирање, со повеќе внимание кон потребите на граѓаните.
На конференцијата под мотото „Нашата генерација – нашата Македонија“, премиерот истакна дека младите имаат можност да создадат промени што ќе останат како основа за идните генерации.
„Секоја организација, колку и да е долга нејзината историја, мора постојано да си го поставува прашањето што создава денес и какви луѓе подготвува за утре“, порача Мицкоски.
Тој најави дека покрај мерките за домување, во периодот што следува ќе бидат презентирани уште две иницијативи наменети за младите.
