Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во Атина каде ќе учествува на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“.
Состанокот се одржува на покана на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, а е дел од редовниот политички дијалог посветен на европската интеграција на земјите од регионот.
Во фокусот на средбата ќе бидат следните чекори во пристапниот процес кон Европската Унија, како и можностите за забрзување на реформите и приближувањето на Западен Балкан кон европското семејство.
Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија, а нејзината цел е поддршка на европската перспектива и интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека учеството на Муцунски е дел од активностите насочени кон унапредување на позицијата на Македонија во европскиот интегративен процес.
