Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе започне штрајк со глад доколку, како што рече, се направи обид да биде уапсен. Тој тврди дека во таков случај милион луѓе би излегле на улиците и порача дека нема намера ниту да се крие, ниту да ја напушти земјата.
Во телевизиско гостување на ТВ Пинк, Вучиќ ја критикуваше Студентската листа, оценувајќи дека нејзините претставници сакаат да ги уништат луѓето што ги мразат.
Тој, исто така, изјави дека претходниот ден добил закани за ликвидација, тврдејќи дека тие дошле од, како што наведе, „врачарски клан“.
Вучиќ најави и дека Српската напредна странка на партиското собрание закажано за 13 декември ќе одлучи дали ќе учествува на претседателските избори.
Според него, лично е поблиску до ставот партијата да не настапи на изборите, бидејќи, како што рече, не сака да им даде легитимитет на своите политички противници.
Српската напредна странка минатиот месец ги загуби изборите, со што беше прекинато нејзиното 14-годишно владеење.
