Шкендија не успеа да ја искористи фаворитската улога и освои само еден бод против Силекс, откако двата тима одиграа 1-1 во последниот натпревар од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига.
Тетовци имаа предност по првите 45 минути, но Силекс во второто полувреме прикажа подобра игра и заслужено стигна до израмнување, со што освои важен бод.
Шкендија започна поактивно и уште во воведните минути создаде неколку опасни ситуации пред голот на кратовци. Најдобрата шанса во почетокот ја имаше Криезиу во петтата минута, но неговиот удар заврши во стативата.
Притисокот на тетовскиот тим резултираше со погодок во 18. минута. По грешка во одбраната на Силекс, Марко Ѓорѓиевски му асистираше на Фабрис Тамба, кој со прецизен удар по земја го совлада Љупче Џеков за водство од 1-0.
Силекс се обиде да одговори преку посед на топката и удари кон голот на Шкендија, но без поголема опасност. Тимовски имаше обид со атрактивен удар, но топката заврши над голот, па домаќините со минимална предност заминаа на одмор.
Во второто полувреме гостите излегоа многу поофанзивно и брзо ја наградија подобрата игра. Во 53. минута Никола Манојлов одлично се снајде во шеснаесетникот и со силен удар под пречката го совлада Гаје за 1-1.
Шкендија веднаш се обиде да го врати водството, но ударот на Тамба заврши во надворешниот дел од мрежата. Во продолжение тетовци ја презедоа иницијативата, а Ване Крстевски имаше добра можност, но голманот Џеков успешно интервенираше.
Во самиот финиш Шкендија повторно ја погоди стативата, но не успеа да стигне до победнички погодок. Силекс одлично се одбрани и заслужено замина со бод.
По ова реми, Шкендија има 28 бодови и заостанува четири бода зад лидерот Струга Трим Лум. Силекс, пак, со освоениот бод стигна до 18 и останува на петтата позиција на табелата.
