Две лица се лишени од слобода, а уште две се повикани во полициска станица по инцидент во маркет во струмичкото село Баница, каде што бил пријавен физички напад и кражба на пари од касата.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 20 ноември околу 18:30 часот. Четири лица од село Баница физички го нападнале 40-годишниот В.С., кој исто така е жител на селото.
При нападот, како што информираат од МВР, со употреба на сила биле одземени пари од касата во маркетот.
Полициски службеници од СВР Струмица ги лишиле од слобода И.В. (23) и А.В. (22), додека во полициска станица биле повикани и В.Р. (19) и уште едно малолетно лице.
Од полицијата велат дека по целосното документирање на случајот против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
