Околу 40 патници пријавиле здравствени проблеми за време на два лета на германската авиокомпанија „Кондор“ од Доминиканската Република кон Франкфурт. Спасувачките екипи на аеродромот биле ставени во состојба на подготвеност додека авионите сè уште биле во воздух, а по слетувањето двајца патници биле пренесени во болница.
Двата авиона полетале од аеродромот во Ла Романа, а во нив се наоѓале вкупно околу 620 патници. Според германските медиуми, повеќе лица се пожалиле на мачнина, слабост и повраќање, но точниот број на патници со симптоми сè уште не е официјално потврден.
Портпаролка на „Кондор“ за германскиот јавен сервис „Хесеншау“ изјавила дека на патниците им била укажана медицинска помош веднаш по слетувањето во Франкфурт. Еден од двајцата патници кои биле пренесени во болница тоа го побарал по сопствена желба, додека другиот бил хоспитализиран поради проблеми со циркулацијата.
За случајот биле информирани и здравствените служби во Франкфурт, кои ја следат состојбата. Германските медиуми наведуваат дека како можна причина се разгледува инфекција со норовирус, но засега нема официјална потврда дека токму тој бил причинител на тегобите.
Од авиокомпанијата дополнително ќе треба да се утврди дали здравствените проблеми на патниците имаат заедничка причина и дали се поврзани со храната, вирусна инфекција или друг фактор за време на летовите.
