Припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ се повредил при управување со мотоцикл во касарната „Илинден“, по што бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, информира Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштија дека случајот бил пријавен на 19 ноември во 14:45 часот. Повредениот припадник бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош за укажување лекарска помош, а на местото бил извршен увид и бил известен јавен обвинител.
„Во однос на наводите за повреден припадник на единицата, известуваме дека на 19.11.2026 година во 14:45 часот пријавено е дека припадник на САЕ „Тигар“ се повредил при управување со мотоцикл во касарната „Илинден“. Истиот со возило на Итна медицинска помош е пренесен во КЦ „Мајка Тереза“ за укажување помош“, наведуваат од Министерството.
МВР не соопшти детали за видот на повредите, ниту за околностите под кои се случила несреќата.
Во истото соопштение Министерството ги отфрли информациите за наводни партиски влијанија при организацијата и спроведувањето на обуките во Специјалната антитерористичка единица.
Од МВР посочуваат дека обуките се реализираат според утврдени процедури, безбедносни стандарди и потребите на специјалните полициски единици.
„Категорично ги отфрламе обидите за политизација на обуките и настаните поврзани со работата на специјалните полициски единици“, наведуваат од Министерството.
МВР ги демантира и тврдењата дека околу 30 припадници ја напуштиле единицата, без да соопшти дополнителни податоци за евентуални поединечни заминувања или бројниот состав на САЕ „Тигар“.
Од Министерството порачаа дека ќе продолжат транспарентно да ја информираат јавноста и дека нема да дозволат непроверени информации и политички конструкции да ја нарушат довербата во институцијата и професионалноста на полициските службеници.
Засега нема официјални информации за здравствената состојба на повредениот припадник.
