Авион на „Ер Србија“, кој во петокот сообраќал на линијата Белград–Мостар, бил погоден од гром за време на летот поради неповолните временски услови во регионот. По безбедното слетување на Меѓународниот аеродром во Мостар, леталото било испратено на детален технички преглед, поради што повратниот лет кон Белград бил откажан.
Од авиокомпанијата потврдија дека станува збор за летот JU634, додека повратниот лет JU635, кој требало да полета од Мостар во 15:15 часот, не бил реализиран.
Според првичните информации, постоело сомневање дека ударот од гром можеби предизвикал оштетување на опашката на авионот. Сепак, од „Ер Србија“ не ја потврдија оваа информација, наведувајќи дека леталото било упатено на технички преглед согласно стандардните безбедносни процедури.
Директорот на аеродромот во Мостар, Марко Ѓузел, изјави дека екипажот веднаш по слетувањето го пријавил ударот од гром.
„Авионите имаат заштита од удари од гром, но како мерка на претпазливост мора да се извршат сите проверки. Бидејќи прегледот бара време, леталото ќе се врати во Белград откако ќе завршат контролите“, изјавил Ѓузел.
Од „Ер Србија“ нагласуваат дека ударите од гром не се невообичаена појава во комерцијалниот воздушен сообраќај и дека современите патнички авиони се проектирани и сертифицирани да издржат вакви ситуации.
Компанијата соопшти дека техничкиот преглед траел подолго од очекуваното, поради што дошло до нарушување на редот на летање на оваа линија.
На патниците од откажаниот лет им бил обезбеден алтернативен превоз во согласност со процедурите на авиокомпанијата.
Од „Ер Србија“ им се извинија на патниците за непријатностите и порачаа дека безбедноста на патниците и екипажот останува нивен највисок приоритет.
Според најавите, авионот треба да се врати во Белград по завршувањето на сите неопходни технички проверки.
