Еден човек го загубил животот, а десетмина се повредени откако патнички минибус завршил во морето во турскиот град Ајвалик, во провинцијата Баликесир. Меѓу спасените патници има и едно дете, а според првичните информации, нивните животи не се во опасност.
Несреќата се случила околу 12:30 часот на булеварот „Ататурк“, кога минибусот што сообраќал на релацијата Ајвалик – Саримсакли излетал од патот и паднал во морето.
Според информациите што ги пренесуваат турските медиуми, возачот Батухан Јилмаз доживеал срцев удар додека бил зад воланот, по што изгубил контрола над возилото. Возачот починал, додека останатите патници биле извлечени од водата.
На местото на несреќата веднаш пристигнале екипи на полицијата, противпожарната служба и крајбрежната стража, кои учествувале во спасувачката операција.
Од канцеларијата на гувернерот на Баликесир информирале дека во интервенцијата учествувале три противпожарни возила и осум пожарникари од службата во Ајвалик. По завршувањето на спасувачката операција, минибусот бил извлечен од морето со помош на мобилна дигалка.
Десетте патници биле спасени и пренесени на медицинска помош, а според официјалните информации, кај нив не постои опасност по животот.
Надлежните служби ги утврдуваат околностите под кои се случила несреќата.
