Фудбалската репрезентација на Македонија утре на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го одигра последниот натпревар од актуелното издание на Лигата на нациите, а противник ќе биде селекцијата на Словенија.
По пет натпревари во кои резултатите не беа според очекувањата, македонските фудбалери ќе се обидат циклусот да го завршат со позитивен резултат и прва победа во ова издание на натпреварувањето. Почетокот на дуелот е закажан за 20:45 часот.
Словенија во првиот меѓусебен натпревар славеше со 2:0, а избраниците на Гоце Седлоски сега ќе имаат можност пред домашната публика да покажат поинакво издание.
Последниот настап на Македонија беше поразот од Шкотска со 2:1, но тој меч донесе и еден позитивен момент – прекин на долгата голгетерска суша. Елмин Растодер го постигна првиот гол за националниот тим по 844 минути игра, односно по 777 минути во периодот откако Седлоски ја презеде селекторската функција.
Сепак, статистиката во изминатиот период не оди во прилог на македонската репрезентација. Од доаѓањето на Седлоски на селекторското место, Македонија запиша седум порази и две нерешени средби, со 20 примени и само еден постигнат погодок.
Селекторот Седлоски најави дека против Словенија неговиот тим мора да покаже карактер и да одигра поофанзивно доколку сака да стигне до трите бода.
„Словенија е поинаква селекција, компактна е и излегува моќно од дефанзива. Мислам дека ќе покажеме карактер и верувам дека можеме да дојдеме до трите бода. Треба да се гледаме самите себеси. Нека биде отворен натпревар, нека има многу шанси, па нека победи подобриот“, изјави Седлоски.
Тој додаде дека Македонија мора да биде поефикасна во завршницата, бидејќи создавањето шанси нема да биде доволно без нивна реализација.
„Создаваме шанси, а кога креирате по две-три шанси на вакви дуели, треба да ги искористите“, порача селекторот.
Македонија утре ќе бара начин со победа да стави крај на неуспешната серија и со подобар впечаток да го заврши настапот во Лигата на нациите.
