Иранската Исламска револуционерна гарда соопшти дека извршила напад врз американска воена база во Бахреин, во рамки на ескалацијата на конфликтот меѓу Техеран и Вашингтон на Блискиот Исток.
Во соопштение објавено на Телеграм, гардата наведува дека бил нападнат американски радарски систем за противвоздушна одбрана во хеликоптерската база „Ар Рифа“ во Бахреин.
„Американскиот радарски систем за противвоздушна одбрана во хеликоптерската база ‘Ар Рифа’ во Бахреин беше нападнат со шест дрона на Воздухопловно-вселенските сили на Исламската револуционерна гарда“, стои во соопштението.
Во Бахреин е сместена и Петтата американска флота, една од најважните поморски сили на САД во регионот.
Бахреинското Министерство за внатрешни работи утринава двапати активираше воздушна тревога и преку социјалната мрежа Икс ги предупреди граѓаните за можна опасност. Властите ги повикаа жителите да останат смирени и, доколку се на отворено, да се упатат кон најблиското безбедно место.
Нападот доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Иран и САД. Според досегашните информации, откако САД и Израел започнале воени дејствија врз цели во Иран, иранските сили возвратиле со напади врз држави од Персискиот Залив на чија територија се наоѓаат американски воени објекти.
Во последниот период американските бази во регионот се под зголемено обезбедување, а Бахреин повторно се најде во фокусот поради присуството на американската војска и стратешката позиција во Персискиот Залив.
Засега нема независна потврда од американските власти за обемот на евентуалната штета или последиците од нападот.
