Русија и Украина ги интензивираат подготовките за една од најголемите размени на воени заробеници од почетокот на војната, а според досегашните информации, во неа би можеле да бидат опфатени најмалку 1.000 лица.
Украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец соопшти дека разговарал со руската народна правобранителка Јана Лантратова за подготовките и начинот на реализација на најавената размена.
Во објава на Телеграм, Лубинец наведе дека Лантратова потврдила оти во размената ќе бидат вклучени најмалку илјада воени заробеници.
„Откако се појавија информациите за можноста за размена, веднаш стапив во контакт со Јана Лантратова за да разговараме како да продолжиме. Таа потврди дека се планира размена на најмалку илјада лица. Сепак, треба да продолжиме со напорите за да биде опфатен што е можно поголем број луѓе“, напиша Лубинец.
Претходно оваа недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев и Москва водат разговори за размена која би можела да опфати меѓу 1.000 и 1.500 воени заробеници.
Доколку биде реализирана, ова ќе претставува една од најобемните размени на заробеници меѓу двете завојувани страни од почетокот на руската инвазија врз Украина.
