Фудбалската репрезентација на Аргентина со пораз ја отвори новата ера без Лионел Меси, откако на пријателски натпревар на стадионот „Бомбонера“ загуби од Уругвај со 2:1.
Ова беше првиот натпревар на „гаучосите“ откако селекторот Лионел Скалони го продолжи договорот до 2030 година, но домашниот состав не успеа да ги оправда очекувањата на своите навивачи.
Иако Уругвај во првото полувреме не упати ниту еден удар во рамките на голот, гостите поведоа веднаш по паузата. Лисандро Мартинез при обид да ја расчисти опасноста несреќно ја погоди топката, која по ударот во соиграчот Леонардо Балерди заврши во сопствената мрежа.
Неколку минути подоцна Уругвај ја зголеми предноста на 2:0, кога Роналд Араухо најдобро се снајде по изведен корнер и ја затресе мрежата на Аргентина.
Домашната селекција тешко создаваше шанси, а отсуството на Лионел Меси беше очигледно во офанзивната игра. Пресврт не донесе ниту подобрата игра по влегувањето на Џанлука Престијани, кој во 72. минута одлично продре по левата страна и му асистираше на Хулијан Алварез за намалување на 2:1.
И покрај обидите во завршницата да стигне до израмнување, Аргентина не успеа да создаде посериозна опасност, а Уругвај сигурно ја сочува предноста и стигна до заслужена победа.
