Двајца браќа од беровското село Двориште заработија кривични пријави, откако полицијата кај нив пронашла оружје, муниција и полициска опрема.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека СВР Струмица поднела кривична пријава против Н.Џ.(26) од село Двориште поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“.
Кривична пријава е поднесена и против неговиот брат Ѓ.Џ.(27), исто така од село Двориште, поради сомнение за сторени кривични дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ и „несовесно работење во службата“.
Според МВР, на 24 мај годинава, пред угостителски објект во Струмица, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „Фолксваген голф“, управувано од Н.Џ. При прегледот биле пронајдени и одземени пиштол „HS 2000“ со муниција, како и разновидна полициска опрема, која била сопственост на неговиот брат.
При дополнителен претрес во домот на Ѓ.Џ. биле пронајдени и одземени куршуми од различен калибар, кои ги поседувал без соодветно законско одобрение.
По целосното документирање на случајот, против двајцата се поднесени соодветни кривични пријави.
