Американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф денеска треба да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а подоцна истиот ден и со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Даблин, по завршувањето на украинско-руските преговори во Абу Даби.
По пристигнувањето во ирската престолнина, Зеленски изјави дека постои можност да се отвори пат кон прекин на огнот пред 2027 година.
„Важно е што Американците заминаа на разговори со Путин со конкретни елементи. Многу би сакал да се вратат во Даблин со конкретни елементи“, изјави украинскиот претседател.
Иако рече дека останува претпазлив, Зеленски нагласи дека сепак постои надеж за напредок. Тој истакна и дека забележува попозитивен пристап од Вашингтон кон вклучувањето на Европа во мировниот процес.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека разговорите во Обединетите Арапски Емирати покажале единство меѓу САД, Украина и европските сојузници.
Дводневните директни преговори меѓу Русија и Украина, први по повеќе од осум месеци, завршија со договор за нова голема размена на воени заробеници, но без значителен напредок околу политичкото решение за конфликтот.
И покрај ограничените резултати, двете страни потврдија дека разговорите ќе продолжат, додека Вашингтон и Киев сметаат дека во следната фаза треба да бидат вклучени и европските држави.
Зеленски ја повика Европа уште во текот на ноември да назначи свој претставник во мировните преговори.
Од друга страна, Москва и натаму се противи на ваквата идеја. Рускиот преговарач Владимир Медински изјави дека не гледа каква улога би имале европските земји во разговорите, додавајќи дека од нив досега не пристигнала ниту една конкретна мировна иницијатива.
