Бугарската опозициска партија ГЕРБ побара оставка од премиерот Румен Радев и министрите кои, според нив, сносат одговорност за пропустите поврзани со двете тешки сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“.
Од партијата најавија дека ќе започнат собирање потписи за гласање недоверба на Владата, образложувајќи дека институциите не презеле навремени мерки за обезбедување на безбедноста во сообраќајот.
Ставот на ГЕРБ го соопшти заменик-претседателот Даниел Митов на прес-конференција во бугарското Народно собрание. Тој изрази сочувство до семејствата на загинатите и посочи дека партијата не сакала политички да реагира на денот на трагедијата, но дека однесувањето на власта било причина за нивното јавно обраќање.
Поранешниот министер за регионален развој Николај Нанков ја обвини Владата дека не реагирала навреме на предупредувањата за опасните услови на патот. Според него, во ситуацискиот центар на Агенцијата за патна инфраструктура имало информации за густа магла, а камерите покажувале намалена видливост најмалку еден час пред несреќите.
Нанков тврди дека не биле преземени мерки како ограничување на брзината, обезбедување на делницата и спречување на замрзнување на коловозот.
Тој посочи и дека со наредба од 19 август биле ограничени дел од активностите за редовно одржување на државните патишта, меѓу кои поставување сообраќајна сигнализација, обележување на коловозите и подготовка за зимски услови.
Дополнително, Нанков го постави и прашањето за проектот за поставување 40 електронски информативни табли на автопатот „Тракија“. Според него, договорот бил склучен во 2020 година, но бил раскинат две години подоцна, без таблите да бидат поставени.
