Министерството за правда ги достави нацрт-кривичниот законик и нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење, со што продолжува процесот на сеопфатна реформа на казненото законодавство и негово усогласување со европските стандарди.
Новиот Кривичен законик, како што соопшти Министерството се подготвува по три децении, а заедно со новиот Закон за кривичната постапка треба да обезбеди поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност за граѓаните.
Меѓу клучните решенија се унапредувањето на конфискацијата, финансиските истраги, електронските докази, посебните истражни мерки, заштитата на жртвите, како и можностите за одржување рочишта и изведување докази на далечина.
