ВМРО-ДПМНЕ со реакција одговори на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека тој наместо да го поздрави решението поврзано со Алта банка, се обидува да создаде недоверба и да пласира политички конструкции.
Од владејачката партија наведуваат дека Филипче е „нервозен“ бидејќи, според нив, Владата покажува дека проблемите можат да се решаваат без последиците да ги сносат граѓаните.
„Очигледно е дека проблемот на Филипче не е во решението за Алта банка, туку во тоа што оваа Влада покажува дека проблемите можат да се решаваат. За разлика од времето кога СДСМ беше на власт, денес институциите реагираат навреме и одговорно“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата повторно се отвора прашањето за случајот со Еуростандард банка, при што од партијата потсетуваат на сомнежите поврзани со кредитирањето на фирми блиски до тогашната власт, како и на повлекувањето на средства од банката од страна на тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска, непосредно пред нејзиното затворање.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ нема кредибилитет да зборува за финансиската стабилност сè додека не даде одговори за, како што велат, случувањата во периодот кога ја предводеше Владата.
Од владејачката партија ги повикаа социјалдемократите да одговорат кој добивал кредити, под какви услови биле одобрени, колку од нив биле вратени и дали имало привилегирани клиенти блиски до тогашната власт.
„Филипче не треба да биде нервозен кога се решаваат проблеми. Банката ќе биде спасена и ќе продолжи да функционира. Пропаднаа само црните сценарија на СДС и Филипче“, се наведува во реакцијата.
На крајот од соопштението, ВМРО-ДПМНЕ порача дека граѓаните треба да бидат спокојни, уверувајќи дека, додека тие се на власт, ќе има финансиска стабилност, редовна исплата на плати и пензии и нема да има пропаѓање на банки.
Претходно денеска, лидерот на СДСМ Венко Филипче побара одговор од премиерот Христијан Мицкоски во кое својство соопштил дека е пронајден купувач за Алта банка и постави прашања околу владините одлуки поврзани со банката и законската постапка за нејзина продажба.
