Директорот на Царинската управа Бобан Николовски и претседателот на Врховниот суд Африм Фидани потпишаа Договор за електронска размена на податоци, со кој се овозможува побрз пристап до важни информации од судскиот систем.
Со договорот, Царинската управа добива електронски пристап до казнената и кривичната евиденција за физички и правни лица, како и до податоците за изречени забрани за вршење дејност и одземена деловна способност.
Според Николовски, новиот систем ќе придонесе за подобрување на проценките на ризик во оперативните и истражните постапки, бидејќи проверките наместо преку досегашните хартиени барања ќе се вршат електронски и во реално време.
„Брзиот пристап до целокупната казнена и кривична евиденција ќе овозможи навремено преземање мерки и подобрување на оперативното работење. Нема повеќе како досега хартиени барања за проверки во судските евиденции, туку тоа ќе се реализира електронски“, изјави директорот на Царинската управа.
Тој посочи дека договорот ќе придонесе и за забрзување на постапките за издавање царински одобренија, со што ќе се намалат административните процедури и ќе се олесни трговијата.
Од Царинската управа оценуваат дека пристапот до податоците од судскиот систем ќе овозможи поголеми гаранции дека царински привилегии и одобренија ќе добиваат економски оператори со проверен деловен и правен интегритет.
