Собранието денеска повторно ги разгледува измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за нивно прогласување. Законот повторно се најде пред пратениците во рамки на 129. пленарна седница.
За законските измени се поднесени вкупно 2.158 амандмани. Најголемиот дел се предложени од опозициската СДСМ, додека владејачкото мнозинство поднесе еден амандман со кој се предлага бришење на спорниот член 13, согласно забелешките што ги изнесе претседателката.
Сиљановска-Давкова на 4 ноември го врати законот на повторно разгледување, повикувајќи се на член 75 став 3 од Уставот. Таа оцени дека измената на членот 13 отвора сериозни дилеми во однос на владеењето на правото.
Според неа, проблематична е промената со која формулацијата „со право на уште еден избор“ за претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки се заменува со „со право на повторно именување“. Претседателката смета дека новата формулација не поставува јасен лимит на бројот на мандати и остава простор за различни толкувања, што би можело да доведе до неограничен реизбор.
Во своето образложение, таа предупреди дека ваквото решение би можело да придонесе за концентрација на прекумерна моќ во институција која одлучува за жалби поврзани со трошењето на значителни јавни средства. Притоа потсети дека работата на Комисијата во минатото била проследена со бројни сомнежи и критики.
Согласно собранискиот Деловник, по враќањето на законот од претседателот, пратениците можат да поднесуваат амандмани само на одредбите на кои се однесува ветото.
Покрај измените на Законот за јавните набавки, на дневен ред на денешната седница се и ребалансот на Буџетот за 2026 година, измените на Законот за извршување на Буџетот, ратификацијата на договорот со Албанија за заеднички гранични контроли, како и повеќе законски измени од областа на здравството, пензискиот систем, земјоделството и семејната поддршка.
