По потврдените случаи на морбили во Македонија, здравствените работници предупредуваат на зголемена внимателност, особено поради бројот на деца со висока температура кои побарале лекарска помош, а не се вакцинирани со МРП вакцина.
Во текот на ноќната смена во дежурниот пункт во Поликлиниката „Бит Пазар“ биле прегледани околу 30 деца со покачена телесна температура. Според лекарите, најголем дел од нив не биле имунизирани, а станува збор главно за деца кои посетуваат градинки.
Докторката Каролина Ристова Стефанова предупреди дека состојбата е сериозна поради одложувањето на вакцинацијата од страна на дел од родителите. Таа посочи дека сите деца кои биле прегледани во нејзината смена имале висока температура и ниту едно од нив немало примено МРП вакцина.
Според лекарите, родителите често наведуваат дека имаат намера да ги вакцинираат децата, но терминот за имунизација постојано се одложува.
Морбилите се едно од најзаразните вирусни заболувања, а симптомите најчесто започнуваат со висока температура, поспаност, воспалено грло, црвенило на очите, течење на нос и појава на карактеристичен осип на кожата.
Здравствените работници предупредуваат и на ризикот од ширење на инфекцијата во чекалниците, бидејќи вирусот на морбили може да остане во воздухот и до два часа по напуштањето на просторијата од заразено лице.
Поради тоа, лекарите им препорачуваат на родителите кои се сомневаат дека нивното дете има симптоми на морбили прво телефонски да го контактираат матичниот лекар, наместо веднаш да посетат здравствена установа.
Од здравствените институции апелираат родителите да ги проверат вакциналните картони и да ги вакцинираат децата кои ја немаат примено МРП вакцината според календарот за имунизација.
Во меѓувреме, надлежните ја следат епидемиолошката состојба и ја разгледуваат можноста за дополнителни мерки, меѓу кои и определување посебна здравствена установа за хоспитализација на деца заболени од морбили.
Последните денови е забележан и зголемен интерес за вакцинација, особено кај учениците кои треба да ја примат втората доза од МРП вакцината.
Лекарите потсетуваат и на епидемијата од 2019 година, кога беа регистрирани околу 2.000 заболени деца и четири смртни случаи, нагласувајќи дека навремената вакцинација останува најважна мерка за спречување на ширењето на болеста.
