Народната банка најави дополнителни мерки за олеснување на услугите за клиентите на Алта банка АД Битола, која од неделата се наоѓа под привремена администрација на централната банка.
Гувернерот Трајко Славески соопшти дека филијалата на Алта банка во Битола денеска ги услужила сите приматели на социјална помош и пензионерите кои претходно не ги подигнале своите средства.
За утре, 7 ноември, Народната банка ќе организира автобуски превоз за граѓаните од Ресен, Прилеп и Охрид до филијалата во Битола, за да можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош.
„Логистички ова е полесно за организација отколку да се носи готовина во филијалите во овие градови“, изјави Славески.
Од 9 ноември ќе бидат отворени и шалтери во Тетово и Струмица, каде клиентите ќе можат да подигнуваат до 20.000 денари.
Дополнително, од следната недела неделниот лимит за плаќање со платежни картички ќе биде зголемен од 10.000 на 15.000 денари.
Народната банка најави и дека сите идни пензии, плати и социјални трансфери што ќе пристигнуваат од институции или компании кои имаат сметки во други банки, клиентите ќе можат да ги подигнуваат во целост, без ограничување на износот.
Со ова, како што посочи гувернерот, нема да има потреба граѓаните да отвораат сметки во други банки.
Славески информираше дека софтверски експерти работат на воспоставување на услови за непречена исплата на платите, со цел тоа да биде овозможено пред истекот на рокот за исплата следната недела.
Тој нагласи дека Алта банка продолжува со работа и дека воведената администрација е привремена мерка насочена кон зачувување на ликвидноста и заштита на интересите на клиентите.
Според него, банката останува ликвидна и високо капитализирана, а денеска во филијалата во Битола биле услужени 660 граѓани.
