Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, објави записник од седница на Владата од 23 септември 2025 година, за кој тврди дека содржи заклучоци поврзани со понудата за преземање акции од „Алта банка“ АД Белград. Според него, заклучоците биле донесени на предлог на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Филипче побара нејзина оставка, како и отворање истрага од Јавното обвинителство и вклучување на Европското јавно обвинителство за проверка на текот на средствата поврзани со случајот.
„Гордана Димитриеска-Кочоска да си поднесе оставка, лаже за Алта банка! ОЈО веднаш да отвори истрага и за Христијан Мицкоски и за Кочовска, да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка“, изјави Филипче.
Според лидерот на СДСМ, записникот покажува дека министерката била информирана за процесот и дека лично предложила заклучоци поврзани со постапувањето на институциите кои поседувале акции опфатени со понудата.
„Не само што била информирана, туку Владата на Мицкоски токму на предлог на Кочовска носела заклучоци директно поврзани со понудата за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции“, наведе Филипче, објавувајќи го документот од владината седница.
Тој постави прашање дали зад постапувањето имало директна комуникација со Давор Мацура и дали на тој начин му било овозможено да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.
Од друга страна, министерката за финансии претходно изјави дека Министерството немало комуникација со гувернерот на Народната банка во врска со влезот на „Алта банка“, ниту дека било информирано за преговорите.
Случајот со „Алта банка“ последните денови е предмет на политички препукувања меѓу власта и опозицијата, при што двете страни меѓусебно се обвинуваат за начинот на кој се одвивале процесите поврзани со банката.
