ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавите на Андреј Жерновски, обвинувајќи го СДСМ дека нема политичка понуда и дека се наоѓа во „интелектуален и политички ќорсокак“.
Во реакцијата на партијата се наведува дека СДСМ, под раководство на Венко Филипче и со поддршка од поранешниот лидер Зоран Заев, претставува пример за кадровска неподготвеност, како и за ширење, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, „лаги и шпекулации“.
Од владејачката партија го критикуваат и Жерновски, оценувајќи дека тој долги години бил дел од државниот систем, а сега го критикува неговото функционирање.
„Андреј Жерновски, несуден амбасадор, човек кој 20 години е на државна сметка, повторно зборува за тоа како државата не му се допаѓа и како системот не функционира“, стои во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштението упатува критики и за дел од неговите ставови поврзани со надворешната политика, а воедно ги обвинува поранешните функционери на СДСМ за злоупотреби и лошо управување со државата.
Во однос на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2026 година, од партијата се повикуваат на оценките на евроамбасадорот Михалис Рокас дека е забележан напредок во области како дигитализацијата, истражувањето, науката, образованието и владеењето на правото.
ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на критиките на СДСМ поврзани со состојбата со „Алта банка“, обвинувајќи ја опозициската партија дека создава „вештачка криза“ и ја нарушува довербата во финансискиот систем.
Од партијата тврдат дека политичките притисоци врз Народната банка и темата со „Алта банка“ се користат за, како што наведуваат, создавање услови за преземање на банката од страна на бизнисмени блиски до СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата го споменува и случајот со „Еуростандард банка“, обвинувајќи ги тогашните власти за одговорност за нејзиното пропаѓање.
„Граѓаните да бидат спокојни. Додека е премиер Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат“, наведуваат од партијата.
Од владејачката партија додаваат дека земјата продолжува со реформите, привлекувањето инвестиции и мерките за подобрување на животниот стандард.
