Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Брисел оствари средба со амбасадорите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“, на која се разговарало за регионалната соработка и европската перспектива на државите од регионот.
На состанокот со амбасадорите на Хрватска, Грција, Унгарија, Италија, Словачка и Чешка, претседателката се заблагодарила за континуираната поддршка што овие земји ѝ ја даваат на Македонија на патот кон Европската Унија.
Таа истакнала дека, и покрај застојот во пристапниот процес, државата останува целосно посветена на спроведувањето на реформите и исполнувањето на европската агенда.
Како доказ за таа определба, Сиљановска-Давкова ја посочила високата усогласеност на македонското законодавство со европското право, целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и засиленото спроведување на Реформската агенда, што е констатирано и во последниот извештај на Европската комисија.
Претседателката изразила очекување дека забрзувањето на пристапниот процес на Македонија и интеграцијата на земјите од Западен Балкан ќе бидат високо на агендата на претстојните претседателства со Советот на Европската Унија, со посебен акцент на периодот кога ќе претседаваат Грција и Италија.
