Во првите десет месеци од годинава, во сообраќајот животот го загубиле 84 лица, наспроти 117 во првите десет месеци од 2025 година, информираше денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 година.
Тошковски посочи дека во изминатите 35 години на македонските патишта годишно во просек животот го губеле околу 150 лица, што, според него, ја потврдува потребата од системски пристап и континуирани активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Говорејќи за новата Национална стратегија, тој нагласи дека таа поставува јасна цел – до 2030 година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди да се намали за 50 проценти во однос на 2024 година и се темели на принципот „Секој живот е важен“. Таа предвидува заедничко делување на институциите и општеството преку превенција, едукација, подобрување на сообраќајната култура и примена на современи технологии за да се приближиме кон крајната цел – што помалку сообраќајни незгоди и нула загубени човечки животи.
