Граѓаните кои имаат платежни сметки во АЛТА банка АД Битола, но немаат платежни картички, од утре ќе можат да ги подигнуваат своите средства директно на шалтерите во главната филијала на банката.
Како што информира Народната банка, за исплата на готовина ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола. Приоритет ќе имаат пензионерите и примателите на социјална помош кои средствата ги добиваат преку сметки во оваа банка.
Максималниот износ што ќе може да се подигне изнесува 20.000 денари, согласно ограничувањето за повлекување средства во период од две недели.
Од 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени со цел да се овозможи опслужување на поголем број клиенти. Исплатата ќе се одвива во повеќе денови според однапред утврден распоред, а граѓаните ќе добијат СМС-порака со информација за терминот кога треба да се јават во филијалата.
Народната банка апелира корисниците да се придржуваат до добиените распореди и да не доаѓаат пред определеното време или без повик, со цел да се избегнат непотребни гужви. За граѓаните кои нема да можат да дојдат во закажаниот термин ќе бидат обезбедени дополнителни можности за исплата.
Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, додека други банкарски трансакции нема да се извршуваат. Од Народната банка најавуваат дека се подготвуваат и дополнителни шалтери за пензионерите и примателите на социјална помош во други градови.
Народната банка на 1 ноември воведе тримесечна администрација во АЛТА банка АД Битола поради состојби кои, според образложението, можат сериозно да ја загрозат нејзината солвентност и способноста за исполнување на обврските.
За администратори се именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, кои ги преземаат надлежностите на органите на управување и надзор, со исклучок на одлуките за зголемување на капиталот.
Администраторите имаат рок од 21 ден да направат целосна проценка на состојбата во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка. Во текот на тримесечниот период тие ќе имаат контрола и врз исплатата на општите и административните трошоци на банката.
