Со изведување докази предложени од одбраната денеска во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Бранителот на обвинетиот Шофкет Хазари, адвокатот Петре Шилегов, повика Јавното обвинителство да земе предвид две неодамнешни одлуки на Врховниот суд, во кои, како што рече, недокажувањето на причинско-последичните врски меѓу обвинетите било причина за укинување на пресудите.
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на паузата од денешното рочиште реагираа на барањето на Шилегов.
– Ние, родителите, многу добро знаеме зошто обвинетите денес седат на обвинителната клупа – изјави Александар Наунов и додаде дека незаконското постапување и непостапувањето што им се ставаат на товар на обвинетите, според обвинението, придонеле за загрозување човечки животи и за трагичните последици.
