Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) оцени дека новинарката која ја водеше емисијата „Под лупа“ на телевизијата Алфа постапувала согласно професионалните новинарски стандарди во интервјуто со претседателот на „Македонски Концепт“, Петар Богојески.
Од АВМУ информираат дека извршиле увид во емисијата во која Богојески изнесе ставови дека на жените им е потребна „машка контрола“. Според Агенцијата, новинарката поставувала релевантни прашања, ги преиспитувала изнесените тврдења и барала дополнителни објаснувања за неговите ставови.
„Секој учесник во јавната дебата, особено јавна личност, сноси лична одговорност за јавно изнесените ставови и пораките што ги упатува до граѓаните. Улогата на професионалното новинарство е да отвора прашања од јавен интерес, да овозможува аргументирана дебата и критички да ги преиспитува изнесените тврдења“, наведуваат од АВМУ.
Истовремено, Агенцијата ги осуди изјавите на Богојески за кои оцени дека го релативизираат и оправдуваат насилството врз жените и децата, како и ставовите со кои се промовира нивната подредена положба.
Од АВМУ посочуваат дека ваквите пораки се спротивни на принципите на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство.
„Насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под каков било изговор. Особено е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, или насилството врз жените како нормален дел од семејните односи“, велат од АВМУ.
