Бугарија повторно се соочува со бран лажни дојави за поставени експлозивни направи, а овојпат покрај јавни институции и објекти, заканите опфатиле и патнички авиони, предизвикувајќи засилени безбедносни мерки.
Според информациите од бугарските безбедносни служби, дојавите биле испратени преку електронска пошта, по слично сценарио како и во претходните случаи кога поради вакви закани беа евакуирани училишта, трговски центри и други јавни објекти.
По добиените закани, полицијата, антитерористичките единици и специјализираните служби започнале проверки на локациите и леталата што биле опфатени со дојавите, додека паралелно се работи на откривање на испраќачите.
Бугарските власти соопштија дека ситуацијата е под контрола и дека се преземаат сите неопходни мерки за заштита на безбедноста на граѓаните и патниците.
Воедно, упатија апел до јавноста да остане смирена и да ги следи информациите што ги објавуваат надлежните институции.
