Сексуално експлицитни видеа се појавиле на дигитални рекламни екрани во неколку земји, меѓу кои Египет, Малезија и Бразил, а според непотврдени информации слични инциденти биле забележани и во Ирак и Кина. Одговорноста за нападите ја презеде хакерска група, која тврди дека искористила сериозен безбедносен пропуст во софтверот што се користи за управување со ЛЕД-екрани.
Еден од најголемите инциденти се случил на електронски билборд покрај прометен автопат во Египет, каде наместо реклами била прикажана порнографска снимка. Според локалните медиуми, голем број возачи застанувале за да го снимаат необичниот настан, а на видеото се појавила и ознака од канал на Телеграм.
Египетското Министерство за внатрешни работи соопшти дека екранот бил во сопственост на локалната компанија „Ал Арабија Јунајтед“, која користела систем на меѓународна фирма чија веб-платформа била цел на кибернапад. Според властите, поради компромитираниот систем неовластена содржина била емитувана истовремено во повеќе држави.
Компанијата соопшти дека веднаш го исклучила погодениот екран, започнала внатрешна истрага и соработува со надлежните институции, додека против одговорните е покрената правна постапка.
Сличен случај е регистриран и во Малезија, каде неколку јавни ЛЕД-екрани во градот Клуанг биле хакирани и на нив била прикажана непримерна содржина. Локалните власти ги исклучиле сите погодени екрани, а полицијата започнала истрага.
Во Бразил, пак, порнографски материјал бил емитуван на дигитален панел покрај прометен пат. Компанијата што управува со рекламниот екран потврди дека станува збор за кибернапад, ја исклучила опремата и поднела пријава до полицијата.
Според хакерската група „Leakers$“, наместо директно да ги напаѓа поединечните билборди, таа искористила слабост во централниот софтвер за управување со содржината. Членовите на групата тврдат дека со автоматизирано скенирање за само неколку часа пронашле илјадници недоволно заштитени системи поврзани на интернет.
Тие наведуваат дека многу компании инвестираат значителни средства во дигиталната рекламна инфраструктура, но не обезбедуваат соодветна заштита на системите преку кои се контролираат екраните. Според нив, целта не била финансиска корист, туку да се укаже на сериозниот безбедносен пропуст.
Инцидентите повторно ја отворија дебатата за безбедноста на дигиталните рекламни системи, кои најчесто се управуваат од далечина преку интернет. Експертите предупредуваат дека недоволната заштита на ваквите платформи може да овозможи неовластено преземање на контролата и емитување несоодветна содржина пред илјадници луѓе.
