Борбата против тероризмот бара постојана будност, силни институции и меѓународно партнерство. Нашата крајна цел останува заштитата на граѓаните и обезбедувањето стабилна и безбедна држава – порача министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски пред делегацијата на Обединетите нации која е во евалуациска посета во Скопје.
Тој нагласи дека терористичките закани сè повеќе се пренесуваат во дигиталниот простор и веќе е формирана специјализирана Национална единица за следење и сузбивање на терористичките содржини на интернет.
МВР информира дека во рамки на петдневната евалуациска посета ќе се разгледуваат повеќе области, меѓу кои антитерористичкото законодавство, спречувањето на финансирањето на тероризмот, граничната безбедност, меѓународната полициска и правосудна соработка, спречувањето на радикализацијата, злоупотребата на интернетот и новите технологии, како и заштитата на критичната инфраструктура, а предвидени се и теренски посети на Меѓународниот аеродром Скопје и граничниот премин „Табановце“.
