Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека македонската дијаспора претставува нераскинлив дел од татковината, обраќајќи се на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржа во Солинген, Германија.
На конференцијата присуствувале и членовите на Извршниот комитет на партијата, Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски.
Во своето обраќање, Мицкоски се осврнал на актуелните состојби во државата, при што ги истакнал економските показатели, инфраструктурните проекти и мерките што, според него, Владата ги презема за справување со енергетските предизвици предизвикани од глобалните случувања.
Говорејќи за меѓународната позиција на Македонија, премиерот оценил дека државата денес настапува со јасни ставови, аргументи и стратегија, додавајќи дека актуелните предизвици се резултат на политики од минатото, кои ги опиша како „тешки како планини“.
Мицкоски истакнал и дека, според неговата оценка, ВМРО-ДПМНЕ во моментов ужива најголема доверба кај граѓаните, поголема од поддршката што ја имаат сите останати политички субјекти заедно.
На конференцијата биле разгледани и можностите за зајакнување на врските меѓу македонската дијаспора и татковината, како и за поттикнување на инвестиции и враќање на иселениците во земјата.
Премиерот од вчера престојува во работна посета на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Во рамките на посетата се предвидени средби со политички претставници, институции, компании и претставници на бизнис-заедницата.
Според владината програма, Мицкоски ќе учествува и на самитот „Посилни заедно – отпорноста како императив за целото општество“, каде ќе биде дел од панел-дискусијата „Од глобални промени до регионални реалности“.
