На 86-годишна возраст почина Мате Мишо Ковач, еден од најголемите музички уметници од просторите на поранешна Југославија и пејач чии песни повеќе од пет децении ги пееја генерации слушатели.
Веста за неговата смрт ја објавија хрватските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до семејството. Ковач зад себе остава богата кариера исполнета со бројни хитови, фестивалски награди и повеќе од 20 милиони продадени плочи.
Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник. Љубовта кон музиката ја покажал уште во младоста, а еден од неговите најголеми идоли бил Елвис Присли.
Првите поголеми чекори на музичката сцена ги направил во 1961 година, кога го освоил првото место на натпреварот „Прв глас на Шибеник“. Неколку години подоцна се преселил во Загреб, каде започнала неговата професионална кариера. Во 1964 година потпишал договор со „Југотон“, а неговата прва плоча била обработка на песната „I Can’t Stop Loving You“ од Реј Чарлс.
Големата популарност ја стекнал кон крајот на шеесеттите години со песната „Više se nećeš vratiti“, која станала еден од неговите први големи хитови. Во 1969 година бил прогласен за најпродаван пејач на „Југотон“.
По победата на Сплитскиот фестивал во 1971 година со песната „Proplakat će zora“, Ковач станал едно од најпознатите музички имиња во цела Југославија.
Во текот на кариерата создаде бројни безвременски хитови меѓу кои „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“, „Sutra mi sude“, „Drugi joj raspliće kosu, a ja je volim“, „Odavno više ne plačem zbog tebe“ и „Ti si pjesma moje duše“.
Неговиот специфичен вокал, препознатливиот изглед со мустаќи и темни очила, како и посебната поврзаност со публиката, станаа негов заштитен знак. Пет пати беше прогласуван за пејач на годината, а во 1989 година беше избран и за личност на годината во тогашна Југославија.
Животот на Мишо Ковач беше обележан и со големи лични трагедии. Во 1992 година неговиот 16-годишен син Еди почина во Загреб, што остави длабока трага врз пејачот. Во следниот период тој се соочи и со загубата на мајка му и неговиот помлад брат.
И покрај тешките моменти, Ковач продолжи да создава музика и да настапува. Во 2012 година ја доби престижната награда „Порин“ за животно дело.
Како голем љубител на Хајдук и симбол на далматинската култура, Мишо Ковач имаше посебно место и меѓу навивачите на сплитскиот клуб. Неговите песни станаа дел од атмосферата на „Пољуд“, а по веста за неговата смрт навивачите ги пееја неговите најпознати рефрени.
Мишо Ковач останува запаметен како еден од највлијателните пејачи на овие простори – уметник чии песни ги надминаа границите на времето и продолжуваат да живеат кај новите генерации.
