Во Собранието започнува амандманската расправа за вториот ребаланс на Буџетот, при што до собраниската Комисија за финансирање и буџет се доставени 124 амандмани.
Од Министерството за финансии информираат дека измените во буџетот се предложени поради актуелните геополитички случувања, со цел навремено и непречено исполнување на редовните финансиски обврски на државата.
Со вториот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што претставува намалување за околу 5,3 милијарди денари во однос на претходните планови.
Најголемата корекција се однесува на приходите од акцизи, кои се намалуваат од првично планираните 34,1 милијарди денари на 30,4 милијарди денари.
Дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 4,1 отсто од бруто домашниот производ.
На расходната страна, според Министерството за финансии, се пристапува со мерки за одговорно и дисциплинирано трошење. Вкупните расходи се планирани на 420,5 милијарди денари, што е намалување за 5,3 милијарди денари во споредба со претходните проекции.
