Делегација на политичката партија Левица, предводена од претседателот Димитар Апасиев, остварила средба во Москва со лидерот на Комунистичката партија на Руската Федерација (КПРФ), Генадиј Зјуганов.
На средбата, која се одржала во Државната дума на Руската Федерација, учествувале и потпретседателот на Левица Реџеп Исмаил – Хактан и членот на Президиумот Александар Симонов.
Од Левица информираат дека разговорите биле насочени кон можностите за продлабочување на меѓупартиската соработка, со посебен фокус на политичката едукација, размената на искуства и развојот на младите партиски кадри.
Како што наведуваат од партијата, била разгледана можноста за воспоставување организирани форми на соработка преку политички школи и образовни програми, со цел јакнење на организациските капацитети и идеолошко усовршување на новите генерации левичарски активисти.
Од Левица посочуваат дека развивањето на меѓународните политички контакти е дел од нивната определба за поголема дипломатска самостојност и проширување на политичките релации.
„Македонските национални и државни интереси во новиот мултиполарен свет бараат суверена политичка мисла, дипломатска самостојност и способност за градење односи надвор од тесните рамки на наметнатите геополитички поделби“, наведуваат од партијата.
На состанокот, според Левица, било договорено дополнително интензивирање на меѓусебните контакти и продолжување на политичкиот дијалог меѓу двете партии.
