Општина Кисела Вода ја заврши изградбата на нов крак од фекалната канализација на улицата „Саса“ во населбата Пинтија, со што е решен долгогодишен инфраструктурен проблем за жителите од овој дел на општината.
Во рамки на проектот е изградена нова канализациска мрежа во должина од 320 метри и поставени се 15 ревизиони шахти. Новоизградената инфраструктура е поврзана со постојната фекална канализација на улицата „Саса“, што овозможува соодветно одведување на отпадните води.
Проектот е финансиран од Општина Кисела Вода, додека дел од потребните материјали се обезбедени во соработка со ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека реализацијата на проектот е исполнување на ветувањето дадено на жителите од Пинтија.
„Реализацијата на овој проект е директен одговор на барањата на граѓаните од овој дел на Пинтија. Моето ветување беше дека ова прашање ќе биде решено во најкус можен рок, а денес тоа е реалност. Со изградбата на новата мрежа го надминуваме овој комунален предизвик и обезбедуваме подобри услови за живот. Општина Кисела Вода продолжува со инвестиции во изградба и реконструкција на подземната инфраструктура во сите населени места“, изјави Стаменкоска Трајкоска.
