Студентската изборна листа „Студентите победуваат“ вечерва прогласи победа на предвремените парламентарни избори во Србија, откако првичните процени на ЦеСИД и Ипсос покажаа дека движењето освои околу 52 проценти од гласовите и може да обезбеди самостојно мнозинство во Народното собрание.
Според проекциите врз основа на обработени 56 проценти од примерокот, студентската листа би освоила околу 138 пратенички места, додека листата предводена од Александар Вучиќ би имала околу 104 пратеници. За мнозинство во српскиот парламент, кој има 250 места, потребни се 126 пратеници.
Победничко расположение вечерва владееше во изборниот штаб на студентската листа, каде претставниците порачаа дека резултатите претставуваат нов момент во политичкиот живот на Србија.
„Граѓаните на Србија покажаа дека ниту една пречка не е поголема од нивната волја, дека ниту еден страв не е посилен од нивната храброст и дека народот може да ја земе својата судбина во свои раце“, порачаа од листата.
Тие ги повикаа поддржувачите победата да ја прослават мирно и достоинствено, без провокации и конфликти.
„Нашиот одговор на секоја провокација нека биде достоинство, на секоја навреда мир, а на секој обид за поделби уште посилна солидарност“, порачаа студентските претставници.
Во исто време, Александар Вучиќ претходно вечерва призна дека неговата листа ги загубила изборите. Тој соопшти дека студентската листа освоила меѓу 135 и 140 мандати, додека неговата политичка опција би имала околу 105 пратеници.
„Победи студентската листа. Тие имаат меѓу 135 и 140 мандати, ние имаме 105 мандати. Изгубивме“, изјави Вучиќ.
Според неговите податоци, студентската листа добила околу 2,2 милиони гласови, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ околу 1,72 милиони.
Од студентското движење порачаа дека изборната победа не ја гледаат како крај, туку како почеток на нова политичка одговорност.
„А утре започнува работата. Сериозна, одговорна и тешка работа за изградба на Србија во која законот важи еднакво за сите“, истакнаа тие.
Тие нагласија дека нема да ја делат земјата на победници и поразени, туку дека нивната цел е создавање општество во кое граѓаните ќе имаат поголема доверба во институциите.
„Не ветуваме лесни промени, но ќе останеме посветени на причините поради кои започна ова движење“, порачаа претставниците на листата.
Конечните изборни резултати и распределбата на мандатите треба официјално да ги потврди Републичката изборна комисија.
