Петнаесетгодишно момче од тетовското село Боговиње е тешко повредено откако било погодено со куршум во пределот на стомакот. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил вчера попладне, а повредениот бил пренесен во Клиничкиот центар во Тетово.
Од МВР информираат дека на 24 октомври во 14:10 часот од Клиничкиот центар било пријавено дека кај нив е донесен 15-годишен малолетник со прострелна рана.
По настанот, во Полициската станица Тетово доброволно се пријавиле 42-годишниот С.М. и неговиот 16-годишен син, двајцата од Боговиње. Тие на полицијата ѝ предале пиштол со празна рамка.
Според изјавата на С.М., пукањето се случило околу 13:45 часот во селото Боговиње, кога од невнимание бил испукан еден куршум од пиштолот што го носел неговиот малолетен син, при што бил погоден 15-годишникот.
На местото на настанот увид извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, полициски екипи и претставници на Центарот за социјални работи.
Шеснаесетгодишникот е задржан во полициска станица, а полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот. По неговото документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
