Четириесет и шестгодишна жена од прилепското село Сенокос се здобила со тешки телесни повреди при несреќа што се случила додека извршувала земјоделски работи на нива во атарот на селото.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот бил пријавен на 24 октомври во Одделението за внатрешни работи Прилеп, а несреќата се случила околу 15:10 часот на местото викано „Рибник“.
Според пријавеното, Е.И. (46), заедно со својот сопруг С.И., ги собирала цревата од системот за наводнување „капка по капка“, користејќи самостојно изработен механизам приклучен на трактор.
Во текот на работата, жената била повлечена од механизмот, при што се здобила со тешки телесни повреди.
Таа веднаш била пренесена во болницата во Прилеп, каде ѝ била укажана лекарска помош.
Увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Прилеп, а од МВР соопштија дека се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случил настанот.
