Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, учествува на годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP 2026), која се одржува во Орландо, Флорида.
Јанев на конференцијата присуствува на покана на Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), која функционира во рамки на Министерството за правда на САД.
Настанот собира повеќе од 16.000 професионалци од областа на јавната безбедност и претставници од над 90 држави, а главните теми се поврзани со современите безбедносни предизвици и начините за нивно надминување.
На конференцијата се разменуваат искуства и практики во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога, финансискиот криминал, сајберзаканите и тероризмот.
Од БЈБ посочуваат дека учеството на Јанев има за цел дополнително зајакнување на меѓународната соработка, подобрување на размената на информации и унапредување на полициските капацитети во справувањето со криминалот кој сè почесто има прекуграничен карактер.
Присуството на овој меѓународен форум, според Бирото, претставува потврда за определбата на македонската полиција кон развој на партнерства со безбедносните институции од други држави, како и кон примена на нови професионални и технолошки стандарди за поголема безбедност на граѓаните.
